Маурисио Почетино вели дека е посветен на освојување на титули со Тотенхем, и дека никој во клубот не е задоволен само од пласман во Лигата на шампионите.
Тотенхем заврши на третото или второто место во последните три сезони од Премиер лигата, добивајќи искуство во Лигата на шампионите – тие беа втори зад Челси во 2016/17 и најсериозни кандидати на Лестер сити за титулата во 2015/16, пред минатата сезона да ја завршат на третото место зад Манчестер сити и Манчестер јунајтед.
Тотенхем е еден од ретките клубови во Премиер лигата кој не потроши многу пари во текот на преодниот рок – всушност тие немаат купено ниту еден фудбалер иако беа поврзувани со Џек Грилиш од Астон вила. Почетино вели дека тоа не значи дека тие се задоволни со топ 4 пласман.
„Ако некои луѓе веруваат дека менаџерот на Тотенхем не сака да победува, тогаш нешто не е во ред со нивниот ум. Јас сум тука да победувам, а ќе видиме дали имаме сили за такво нешто. Успехот со пласманот во Лигата на шампиони е голем, но недоволен за нас. Сакам да одиме до крај, додека мојот претседател Даниел Леви не ми каже да си заминам. Можеби историјата на тимот е поинаква, но моите фудбалери работат за победи“, вели Почетино.
Тотенхем, иако е еден од најпопуларните тимови од Лондон, не може да се пофали со многу титули – тие имаат две англиски круни (1951 и 1961), осум титули од ФА Купот (од која последната во 1991 година) и четири од Лига купот (последната во 2008 година).