Top Sport

Погба: Мбапе е многу поталентиран од мене

Пол Погба признава дека Килијан Мбапе има „многу повеќе талент“ од него, и фудбалерот на Манчестер јунајтед едноставно вели дека никогаш немал таква ветувачка форма како Мбапе на само 19 години.

Погба сега има 25 години, но одамна беше споменуван како новата голема француска фудбалска надеж по настапите за Јунајтед и Јувентус. Многумина би оцениле дека тој досега не го оствари својот потенцијал, додека за Мбапе веќе се зборува како кандидат за „златната топка“, посебно по двата одлични гола и супер-перформансите против Аргентина.

„Килијан има многу повеќе талент од мене. Гледате ли што прави на негова возраст? Не, јас никогаш не бев толку талентиран. Тој е брз, тој е супер напаѓач… Не, не може да се споредуваме“, призна Погба по мечот со Аргентина.

Мбапе во Русија стана првиот тинејџер со два гола на еден меч по легендарниот Пеле во 1958 година, и вели дека споредбите му ласкаат, но дека сака да остане цврсто на земја.

„Среќен сум и добро е да си вториот тинејџер по Пеле со таков успех, но треба малку работите да ги ставиме во перспектива. Пеле е друга категорија од мене. Нема подобро место од Светското првенство да ги покажеш своите квалитети“, вели Мбапе.

Младиот фудбалер на Пари Сен-Жермен е официјално вториот најскап фудбалер по неговиот соиграч од „Паркот на принцовите“, Нејмар, и пред осминафиналето ги изненади сите со изјавата дека парите кои ќе ги добие од Француската фудбалска федерација (ФФФ) за настапот во Русија ќе ги даде во добротворни цели бидејќи „за националниот дрес не се земаат пари“. Според „Л’Екип“ оваа сума ќе биде околу 20-тина илјади евра.

Scroll to Top