28-годишниот Французин повторно беше поврзуван со трансфер од Јунајтед, и сега има само уште една година од неговиот договор, но одговори на тоа со добар старт на новата сезона и сега сака титули. „Ѓаволите“ ова лето ги донесоа Рафаел Варан, Џејдон Санчо и Кристијано Роналдо и Погба е возбуден од потенцијалот.
„Секогаш имало силни тимови на Јунајтед, но ова дефинитивно е најсилниот во кој јас сум играл. Во ДНК-та на овој клуб е да се освојуваат трофеи и имаме силен тим со кој можеме до титули. Знаеме дека ќе биде тешко, но верувам дека оваа година ќе кренеме трофеј“, вели Погба.
Тој одби да зборува за својата иднина, но призна дека е среќен со својата игра во Манчестер.
„Да бидам искрен, среќен сум и уживам. Премиерлигата се врати, играм фудбал по убав одмор, така што е многу добро. Има голема разлика од лани. Имав корона и немав вистински подготовки и требаше време да се вратам во форма. Се чувствувам одлично и подготвено. Го познавам Оле долго време и секогаш сум имал добри односи со него. Тој беше тука како фудбалер, така што знае како функционира клубот. Од неговото доаѓање, работите се добри“, додава Французинот.