Пол Погба вели дека имал сигурна понуда од Реал Мадрид, но дека решил да се врати во Манчестер јунајтед бидејќи така му кажало срцето.
24-годишниот Французин е „дело“ на јуниорската школа на Јунајтед, но во 2012 година замина за Јувентус откако не доби минутажа под Сер Алекс Фергусон. Четири години подоцна тој се врати на „Олд Трафорд“ за тогаш рекордна сума од 100 милиони евра и покрај тоа што Зинедин Зидан го сакаше во Реал Мадрид.
„Да бидам искрен, Реал Мадрид дојдоа со понуда и сериозно размислував за тоа, но тука беше и Манчестер јунајтед. Секогаш чувствував во срцето… Моето срце ми кажа да се вратам тука. Не знам зошто, бидејќи не знаев што ќе се случи, но не зажалив“, вели Погба.
Тој открива дека работите „малку“ се смениле од ерата на Фергусон, бидејќи има уште многу членови од тој состав, но вели дека Жозе Мурињо е „посебниот“.
„Бидејќи навистина е посебен. Тој има посебен начин за почеток на натпреварите, посебен начин за разговор со играчите, посебен за новинарите. Навистина е посебен. Ме мотивира многу и честопати разговараме. Тој е човекот кој ме стави да бидам капитен против Базел и тоа ми кажува дека верува во мене“, додава Погба.
Првата сезона во клубот заврши со шесто место во Премиер лигата, но со трофеј од Лига купот и Европа Лигата. Сега, Погба вели дека би бил почестен ако стане капитен на „Ѓаволите“.
„Би бил навистина среќен ако станам капитен. Само што го носам дресот е доволно. Дојдов со причина – да ги вратам Манчестер јунајтед таму каде што припаѓаат и сигурен сум дека ќе успееме. Нема да се предадам дотогаш“, завршува Погба.