Пол Погба тврди дека достигнувањата на Лионел Меси и Кристијано Роналдо се делумно виновни за критиките кои тој ги добива во Манчестер јунајтед.
И покрај тоа што лани ја освои титулата на Светското првенство со Франција, неговите партии за Јунајтед секогаш се под критики, а во лошата сезона за клубот од „Олд Трафорд“, Погба достигна личен рекорд со 16 постигнати голови за клубот. Тој исто така има и 11 асистенции, и сега вели дека во минатото за ваква сезона би добивал пофалби.
„Фудбалот се смени многу. Јас пораснав гледајќи ги големите легенди како Дел Пјеро, Фиго и Тоти. Сите беа шампиони, најдобри на светот, но никој од нив не постигнуваше по 20 гола по сезона. Сега, во последно време, единствен параметар за успехот е статистиката и бројките . Тоа е дел од еволуцијата на модерниот фудбал, но забораваме колку е тешко да се постигнат 20 голови, дури и за најдобрите. Меси и Роналдо во последните години покажаа дека се исклучок, но не и правило. Ако напаѓач постигне 10 или 15 гола ќе му кажат дека тоа не е доволно и се губи перспективата. Павел Недвед ја освои ’златната топка’ без неговиот тим да ја освои ЛШ или да постигне многу голови“, вели Погба.