Милан игра лошо, засилувањата не ги оправдаа вложените средства, тренерот Монтела доби отказ, а кулминација на катастрофата што му се случува на клубот е нерешениот резултат против најслабиот тим во Италија, Беневенто.
Бројките исто така го потврдуваат она што може да се види на теренот. Милан освојува 1,41 бод од натпревар, има забележано 14 победи и 13 порази, а ремито со Беневенто е едно од деветте од почетокот на сезоната. Со вакви резултати „росонерите“ се онаму каде што припаѓаат, на 9. место на таблата.
Анализи се прават и за промашените инвестиции во преодниот рок. Играчите што го засилија Милан веќе изгубиле по 15 отсто од својата вредност, што значи дека клубот е во минус од 80 милиони евра.
Португалецот Андре Силва наидува на потсмев кај италијанските медиуми. Платен е 40 милиони евра, а сезонава во Серија А дури и голманот на Беневенто има постигнато повеќе голови.
Посебна приказна се искусните Леонардо Бонучи и Лукас Биља, кои беа донесени да донесат цврстина во играта, но двајцата се далеку од она што беа во своите поранешни тимови, Јувентус, односно Лацио.
Бонучи е платен 42, а Биља 17 милиони евра.
Во оваа група е и Никола Калиниќ, кој е далеку од нивото на кое беше во Фиорентина и веќе се шпекулира дека тој ќе биде еден од првите што ќе го напушти клубот веќе во јануарскиот преоден рок.