Требаше време да трансферот на Антоан Гризман од Атлетико во Барселона да биде реализиран, но како што стојат работите тој ќе биде уште некое време актуелен.
Барселона ја активира откупната клаузула за фудбалерот од 120 милиони евра, меѓутоа од Атлетико тврдат дека треба да добијат повеќе пари. Тие ја бараат 200 милиони евра бидејќи биле сигурни дека Барселона и Гризман се договориле околу трансферот пред 1 јули, кога откупната клаузула била за 80 милиони поголема од оние 120 милиони евра што ги платиле Каталонците.
„Сумата што е уплатена не е доволна за да се плати неговата клаузула. Очигледно е дека договорот помеѓу нив е постигнат многу порано, кога според неговиот договор клаузулата во договорот му беше 200 милиони евра. Атлетико смета дека со тоа е прекршен договорот. Кога ќе се погледнат сите факти и изјавите на фудбалерот јасно е дека моравме да покренеме процедура за да ги заштитиме своите интереси“, соопштија од Атлетико.
Претседателот на клубот Енрике Сересо тврди дека поседуваат докази дека Барселона и Гризман постигнале договор уште во март оваа година и поради тоа ќе бара Каталонците да ја исплатат целата сума од обесштетувањето.
„Ако ова јавно го кажуваме значи дека поседуваме докази. Доколку се докаже дека сме во право ќе ги бараме парите што ни припаѓаат. Можам само да кажам дека сум разочаран од Гризман. Сакаше да замине, а тоа ни го кажа во последен момент. Тој е одличен фудбалер, тука нема никаква дилема. Барса доби одлично засилување, а времето ќе покаже дали го направи вистинскиот потег“, рекол Сересо.
По сите жалби од Атлетико челниците на Ла Лига решиле да покренат постапка и да ги разгледаат сите докази што ќе им ги достават од Атлетико.
Доколку в трансферот навистина имало нерегуларности и доколку се докаже дека Барселона и фудбалерот имаче договор пред 1 јули, тогаш клубот од „Ноу Камп“ ќе мора да ги плати и преостанатите 80 милиони евра.