Top Sport

Пол Басток го сруши рекордот на Питер Шилтон

Голманот на англискиот нисколигаш Висбеч таун, Пол Басток го сруши долгогодишниот рекорд на легендарниот англиски голман Питер Шилтон откако во саботата го одигра својот 1.250 натпрвар во клупскиот фудбал.

47-годишниот Басток, кој инаку води бизнис за чистење прозорци, го имаше својот рекорден настап во Премиер дивизијата на Јунајтед канти лигата, во дуелот со Тетфорд таун. Ветеранот ја започна својата кариера во 1986 година во младинскиот тим на Ковентри, пред да игра за голем број на нисколигашки клубови, како Бостон јунајтед, каде што одигра 500 натпревари и стана легенда на клубот.

„Каква недела. Голема благодарност до моето семејство и до сите во Висбеч таун. Сега сум рекордер и се чувствувам одлично“, вели Басток.

Рекордот на Шилтон од 1.249 настапи за клуб стоеше од 1997 година, кога легендарниот голман се повлече од спортот со тимот на Лејтон Ориент. Самиот Шилтон на Твитер се сомневаше во валидноста на рекордот на Басток, но му честита за долгата кариера. Од тимот веднаш одговорија.

„Вашиот рекорд е 1.249 клупски настапи во сениорски фудбал, најмногу на светот. Тоа не ги вклучува настапите за репрезентација, туку само за 11-те тима во кои игравте“, му одговорија на Твитер.

Scroll to Top