Ла Лига на денешното собрание во Мадрид одлучи да потпише договор со американскиот инвестициски фонд „CVC“. На фондот ќе му припаднат 10% од профитот во наредните 50 години во замена за еднократна уплата од 2,1 милијарди евра.
Во главниот шпански град се состаноа членовите на Ла Лига, 42 клуба од првата и од втората лига, а за поддржување и согласност со американскиот инвеститор била потребна поддршката од најмалку 32 клуба. На крајот со тајно гласање идејата ја поддржале 38 клуба, додека 4 биле против. Меѓу нив Реал Мадрид, Барселона и Атлетик Билбао.
Во вторникот од Реал најавија дека ќе покренат казнена постапка против претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, а четирите клуба кои не гласаа за договорот ќе останат без „дел од колачот“.
Наместо планираните 2,7 милијарди евра, „CVC“ ќе уплати 2,1 милијарди на лигата, од кои 90% ќе бидат префрлени кон клубовите кои прифатија ваква инвестиција.
Од примените пари 15% ќе можат да ги потрошат за купување на нови играчи, а 15% ќе бидат наменети за исплата на долговите.
Останатите средства од парите ќе можат да се искористат за подобрување на инфраструктурата и дигитален и технолошки развој.