Португалците ги вршат последните подготовки за продолжување на сезоната. За разлика од Холандија и Франција каде политичарите го имаа последниот збор и по одлуките на владите на овие земји шампионатите се прекинати, во Португалија политичарите сакаат фудбалот да продолжи да се игра.
„Јасно ни е колку ова е важно. И ние сме навивачи. Фудбалот ќе се игра но без публика. Клубовите и Федерацијата доставија проект како да се заврши сезоната. Се согласија да ги следат безбедносните протоколи на министерството за здравство“, рекол премиерот на Португалија Антонио Кошта.
Според португалскиот премиер кон крајот на мај би требало да продолжи фудбалската сезона.
Во Португалија до крајот на сезоната останаа 10 кола, голема борба за титулата водат Порто и Бенфика. Порто на табелата има 60 поени, еден повеќе од Бенфика.