Менаџерот на Челси, Греем Потер признава дека не може да очекува постојана поддршка од бордот на клубот, откако по 2:0 поразот од Тотенхем, „сините“ немаат победа во последните шест меч зголемувајќи ги шпекулациите дека тој наскоро ќе добие отказ.
Потер има само 9 победи во 27 меча како менаџере на Челси и дури 10 порази, и признава дека мора да има брзо менување на формата доколку сака да остане на својата позиција.
„Самодовербата не е на највисоко ниво, тоа е сигурно. Истото е во било која работа, секако. Ако резултатите не се добри, а не се, тогаш не можеш да очекуваш постојана поддршка. Моја работа е да продолжам да одам напред. Ја знам одговорноста и знам дека ова не е доволно за нашиот клуб. Ја преземам целосната одговорност. Ова не е доволно добро за Челси, посебно бидејќи го знам карактерот и квалитетот на тимот. Тешки моменти“, призна Потер по мечот.
Челси се сега на далечни 14 поени од топ 4 пласман и зачудувачки на само 10 поени над зоната за испаѓање.