На денешен ден пред четири години, легендата на Ливерпул, Стивен Џерард го имаше својот последен настап против Манчестер јунајтед, кој за жал заврши неславно.
На „Енфилд“ на 22 март 2015 година, двата тима се бореа за четвртото место, и со најавениот трансфер во Лос Анџелес галакси на крајот на сезоната, „господинот Ливерпул“ влезе во игра на полувреме во обид да го крене духот на тимот.
„Црвените“ губеа со 0:1 по голот со „ножички“ на Хуан Мата, и Брендан Роџерс реши да го смени Адам Лалана со Џерард. Капитенот остана на теренот само 38 секунди, во кои го „здроби“ Мата, по што го згазна и Андер Ерера и доби директен црвен картон.
Ливерпул загубија со 1:2 откако Мата постигна уште еден гол, пред Даниел Стариџ да намали во 69. минута. До крајот на сезоната Јунајтед имаа осум поени пред Ливерпул и завршија на четвртото место, а Ливерпул беа на шестото место сезона која ја завршија со неверојатен 1:6 пораз од Стоук сити.