Top Sport

Пред мечот со Бенфика починал навивач на Ливерпул

Фудбалерите на Ливерпул се пласираа во полуфиналето на Лигата на шампионите, по ремито во средата вечерта на „Енфилд“ против Бенфика (3:3). Ден подоцна објавија тажната вест, навивач на клубот починал на синоќешниот натпревар.

Англискиот великан објави соопштение во кое ја информира јавноста за трагичната вест која фрли сенка на спектакуларен натпревар на кој беа постигнати шест гола.

„Ливерпул е длабоко тажен поради смртта на еден навивач на „Енфилд“. Со голема тага потврдуваме дека навивачот починал откако му се слошило пред натпреварот“, се вели во соопштението.

Портпаролот на Ливерпул во името на сите во клубот изрази длабоко сочувство до семејството и пријателите, притоа заблагодарувајќи им се на луѓето од Брзата помош за нивната реакција и напорите да го спасат несреќниот навивач.

И покрај трите примени гола, благодарение на минатонеделната победа во Лисабон, Ливерпул се пласираше во полуфиналето каде ќе игра против Виљареал.

Првиот натпревар се игра на 27.април на „Енфилд“, додека реваншот е шест дена подоцна во Виљареал.

Претходно „црвените“ во сабота повторно ќе играат против Манчестер Сити, овојпат во полуфиналето на ФА Купот.

Scroll to Top