Како што беше најавено, ВАР системот, в сабота ќе биде тестиран на пет натпревари во Премиер лигата, што ќе започнат во 16 часот по средно-европско време. Како системот функционира на повеќе натпревари што се играат во исто време ќе се проверува на натпреварите Борнмут-Лестер, Челси-Кардиф, Хадерсфилд-Кристал Палас, Манчестер сити-Фулам и Њукасл-Арсенал.
ВАР технологијата, која им помага на судиите при носењето на најважните одлуки на натпреварите е воведена во многу национални првенства и натпреварувања почнувајќи од изминатата, а големи контроверзи предизвика на Светското првенство во Русија.
ВАР се уште не е воведен во Премиер лигата, но челниците на лигата прифатиле тој да биде тестиран и тоа ќе се случи в сабота. Сепак, нема се да функционира како што тоа беше случај на СВетското првенство, бидејќи судиите на теренот нема да бидат во контакт со остатокот од екипата која натпреварите ги следи од контролната соба.
Тимовите од Премиер лигата, во април, гласале против воведувањето на ВАР, во сезоната 2018/2019, меѓутоа и оваа сезона како што тоа беше случај лани, ќе се употребува во ФА и Лига купот.