Реал Мадрид интензивно му бараа клуб на Хамес Родригез, но најновите информации говорат дека тој сепак ќе остане на „Сантијаго Бернабеу“. Ваквиот неочекуван пресврт на настаните е предизвикан од тешката повреда на Марко Асенсио, заминувањето на Дани Себаљос и најавениот трансфер на Герет Бејл во Кина.
Хамес Родригез во преодниот рок се поврзуваше со Наполи и Атлетико Мадрид, Реал се обидуваше да заработи од неговиот трансфер помеѓу 50 и 60 милиони евра. Зидан јавно изјави дека воопшто не го планира Колумбиецот во составот за наредната сезона.
Сепак кадровските проблеми го натераа францускиот тренер да го смени мислењето и да го задржи најдобриот играч и стрелец од Мундијалот во 2014 година во тимот.
Родригез во Реал дојде по Светското првенство во 2014 година, а последните две сезони ги мина во Баерн Минхен како позајмен играч. За три сезони во Реал одиграл 77 натпревари и постигнал 28 гола.