Претседателот на Аталанта од Бергамо, Лука Перкази рече дека тој фудбалски клуб сака да продолжи да расте. Рече и дека е горд на момците и покрај синоќешната елиминација во финишот на дуелот со ПСЖ.
„Горди сме на момците за се што направија во текот на сезоната. Останува да жалиме за ваквиот пораз, но среќни сме што бевме дел од таков спектакл. Нашиот успех не е случаен, константно растеме и Аталанта и понатаму ќе продолжи да расте“ изјави Перкази за „Скај“.
Италијанскиот клуб водеше од 27 минута со голот на Пашалиќ се до 89 минута кога ПСЖ со два брзи гола направи пресврт и влезе во полуфиналето.
Тренерот на „сино-црните“ од Бергамо, Џан Пјеро Гасперини вели дека е разочаран.
„Многу сме разочарани затоа што чувствувавме дека веќе сме во полуфинале. Тоа ќе беше лудо неверојатно, но и вака е неверојатно. Луѓето во Бергамо секако ќе слават. Игравме најдобро што можевме“ рече Гасперини.
И стрелецот на единствениот гол за Аталанта, Марио Пашалиќ разбирливо – разочаран е.
„Направивме е што можевме, во тоа не треба да има сомнеж. Разочарани сме, но сакаме да гледаме напред и уште подобро да се подготвиме за идната сезона. Докажавме дека може да им парираме на најсилните противници“ рече Пашалиќ.