Кристијано Роналдо ќе игра утре против Ајакс, меѓутоа проблем на Масимилијано Алегри сега му претставува повредата на Џорџо Кјелини.
Капитенот на Јувентус е ново име на листата на повредени играчи, на која се Мартин Касерес, Емре Џан и Андреа Барзаљи. Доколку не успеат да го рехабилитираат Кјелини, Алегри ќе има големи проблеми да ја состави одбраната.
Тоа значи дека во централниот дел во дефанзивата покрај Леонардо Бонучи ќе игра Даниеле Ругани. Ваквата комбинација на стоперските позиции ќе го пресели Жоао Кансело на клупата за резерви, а на позицијата десен бек шанса ќе добие Матија Де Шиљо кој е подобар во извршувањето на дефанзивните задачи од Португалецот.
Редот за врска ќе го формираат Миралем Пјаниќ, Блез Матуиди и веројатно Родриго Бентакур, а тројката во нападот ќе биде Роналдо, Бернардески и Манџукиќ.
Италијанските медиуми не ја исклучуваат можноста и Роналдо да започне од клупата за резерви, бидејќи тој одработи само неколку тренинзи по повредата, поради која пропушти три натпревари во првенството.
Дуелот Ајакс-Јувентус се игра утре во Амстердам од 21 часот.