Роберт Просинечки кој кон крајот на октомври замина од Азербејџан кога му заврши тригодишниот договор со Фудбалскиот сојуз на оваа земја, наредната недела ќе ги отвори преговорите со националниот Сојуз на Босна и Херцеговина за преземањето на репрезентацијата чии први ѕвезди се Един Џеко и Миралем Пјаниќ.
„Стапив во контакт со Просинечки. Наивно ќе беше да не разговараме со него. Роберт е од овие простори, големо име и сигурно е добар тренер“, изјавил за порталот „Кликс“, Звјездан Мисимовиќ, членот на Комисијата за избор на селектор при Фудбалскиот сојуз на БиХ.
Интересот од БиХ го потврдил и самиот Просинечки, иако неодамна изјави дека не би сакал да работи на просторите на поранешна Југославија, без оглед на тоа дали се работи за клуб или репрезентација.
„Пред неколку дена повторно ми се јавија од ФС на БиХ и се согласив да ги започнеме преговорите за преземањето на репрезентацијата. Наредната недела ќе седнеме, ќе разговараме и потоа ќе знам дали имаме договор. БиХ има добри играчи, добра репрезентација е. Работата може да биде предизвик за секој тренер. Може да се направи добра работа со таа репрезентација“, рекол Просинечки за порталот „Спортспорт“.
Просинечки (48) кариерата ја започна како помошник на Славен Билиќ во репрезентацијата на Хрватска (2006-2010), потоа беше тренер на Црвена звезда (2010-2012), Кајсериспор (2012-2013) и репрезентацијата на Азербејџан (2014-2017).