Првиот човек на УЕФА, Словенецот Александар Чеферин вели дека е горд на солидарноста што ја покажаа федерациите и клубовите во периодот додека трае пандемијата на коронавирусот. Сепак тој смета дека публиката нема скоро да се врати на трибините.
„За време на кризата предизвикана од вирусот Ковид-19, бевме под голем притисок. Сите моравме да жртвуваме нешто, УЕФА жртвуваше дел од својата следна сезона, за националните лиги да можат да ги прекинат своите натпреварувања за сезоната 2019/20 и имаше голема солидарност. Клучна одлука беше да се одложи Европското првенство. Секогаш мора да бидете оптимисти и кога ќе се појави кризна состојба, мора да има подготвен план“ изјави Чеферин.
Тој смета дека фудбалот ќе продолжи да се игра без гледачи на трибините и во наредниот период.
„Не сакаме да ризикуваме. Во оваа криза, научивме колку сме ранливи, но сигурен сум дека ќе излеземе од целата оваа ситуација посилни и помудри“ – вели тој.