Top Sport

Првиот голман на Челси, Менди живеел на социјална помош и размислувал за пензија

Новиот голман на Челси, Едуар Менди признава дека имал многу големи сомнежи дали да продолжи со фудбалската кариера откако беше приморан да паузира една година пред сега да добие шанса на „Стемфорд бриџ“.

28-годишниот Сенегалец ја почна својата кариера во францускиот третолигаш Шербур, но по три сезони не му го продолжија договорот и тој 12 месеци беше без ангажман. Олимпик Марсеј му дадоа втора шанса во 2015, кога беше резерва зад Флоријан Ескале, пред да направи трансфер во Ремс, каде што беше прв голман три сезони и ги привлече Рен да платат 7 милиони фунти во 2019 година. Со Рен, тој стигна до третото место и пласман во ЛШ, пред во август, Челси да му дадат шанса да го замени Кепа Аризабалага давајќи фантастични 22 милиони фунти.

Во првите три меча, тој на два не прими гол и се верува дека Френк Лампард ќе го заддржи на првото место. Но, почетоците не биле толку „блескави“, откако се соочувал со невработеност, а неговата сопруга го чекала првото дете на почетокот на кариерата.

„Бев на тренинзите со резервите секое утро, а бидејќи не бев вработен добивав социјална помош, која не беше доволна бидејќи го чекавме првото бебе. Морав да размислам дали да продолжам или да најдам друга работа. Тогаш Марсеј ми дадоа шанса и ќе им бидам благодарен за тоа. Една година без фудбал е многу долго време и сомнежите за кариерата беа тука. Благодарен сум на сите кои ми помогнаа да бидам тука и што моето семејство сега може да добива од мојата професија“, вели Менди.

Scroll to Top