Пари Сен-Жермен ќе го понудат Германецот Јулијан Дракслер на Арсенал за да го добијат Матео Гендузи, младиот Французин кој сега игра на позајмица во Херта Берлин, тврди францускиот весник „Л’Екип“.
„Топчиите“ подолго време го следат 27-годишниот Дракслер, и ПСЖ се подготвени да го продадат во размена за Гендузи, кој помина девет години во академијата на парискиот клуб, пред да направи трансфер од Лориен во Арсенал во 2018 година.
21-годишниот Гендузи беше „замрзнат“ од тренерот Микел Артета по славниот конфликт со напаѓачот на Брајтон, Нил Мопе, откако се потсмеваше со платата која ја зема неговиот француски сонародник, по што беше пратен на позајмица во Херта на 5 октомври. Сега, неговото место во клубот е неизвесно откако тренерот кој го донесе, Бруно Лабадија доби отказ по 1:4 поразот од Вердер, во меч во кој Гендузи се расправаше со соиграчот Матеуш Куња.
Договорот на Дракслер завршува на крајот на сезоната, a оваа сезона има само пет настапи за ПСЖ, сите како резерва.