Иако многумина предвидуваат дека во текот на летниот преоден рок нема да има скапи и сензационални трансфери, францускиот гигант Пари Сен-Жермен полека почнува да си го склопува тимот за иднината.
Повеќе извори во Италија, Франција, но и Аргентина, тврдат дека Мауро Икарди веќе склучил договор да остане во Пари Сен-Жермен за 60 милиони евра плус бонуси. Тој ја помина оваа сезона на позајмица на „Паркот на принцовите“ за 13 милиони евра, но со опција за откуп на договорот за 70 милиони евра, сума која ПСЖ успеал да ја намали.
Според „Скај спорт Италија“ и „Ле паризиен“, договорот е склучен во последните 24 часа и сега се очекува само официјализација. Икарди постигна 20 гола и имаше 4 асистенции во 31 меч за ПСЖ оваа сезона.
Според „Калчомеркато“ пак, ПСЖ работи и на засилување на одбраната, откако станаа први фаворити за потписот на Калиду Кулибали од Наполи иако се сметаше дека Манчестер јунајтед се веќе „договорени“. Спортскиот директор на ПСЖ, Леонардо се обидува да ја намали цената на Кулибали, но јасно е дека Аурелио ди Лаурентис нема да го пушти за помалку од 70 милиони евра, откако лани изјавуваше дека тој вреди над 120 милиони евра.