Top Sport

ПСЖ имаат нова „мета“ – Пеп Гвардиола!

Пеп Гвардиола е новата главна цел на Пари Сен-Жермен, неофицијалниот најбогат фудбалски клуб на светот, тврдат британските медиуми.

Гвардиола уште еднаш го покажа својот квалитет, откако ги предводеше Манчестер сити до убедливо водство во Премиер лигата, и има уште 16 месеци од својот договор со тимот од „Етихад“ со кој заработува 15 милиони фунти годишно.

Сепак, ПСЖ веруваат дека ќе го добијат Каталонецот нудејќи му спектакуларни услови за него и неговото семејство во Франција, но во исто време нудејќи му и предизвик со ПСЖ да го освои европскиот фудбал.

Клубот кој плати рекордни 222 милиони евра за Нејмар од Барселона, покажа дека парите не се проблем, и се подготвени да чекаат на Гвардиола, кој никогаш не останувал долго во своите клубови – четири во Барселона и само три во Баерн Минхен, одбивајќи да потпише продолжување на договорите.

ПСЖ е во сопственост на „Катар спортс инвестментс“ (КСИ), додека Сити се под контрола на „Јунајтед групацијата“ од Абу Даби. Двете нации се ривали и немаат најпријателски односи, откако минатата година ги прекинаа дипломатските односи, така што обидот на ПСЖ да го земе Гвардиола има и мала „политичка заднина“.

Scroll to Top