Легендата на Барселона, Карлес Пујол, кој признава дека и самиот размислувал за заминување од клубот, сега вели дека Лионел Меси се чувствува мотивирано и е возможно тој да остане уште многу сезони во Каталонија.
Меси се обиде да си замине во текот на летниот преоден рок, активирајќи ја клаузулата во неговиот договор, но од Барселона му порачаа дека крајниот рок за тоа е завршен, по што 33-годишниот Аргентинец објави дека ќе ја испочитува и последната сезона од договорот. Тој веќе во јануари ќе може да почна да преговара за трансфер, но Пујол смета дека може да биде убеден да остане.
„Како секој навивач на Барселона, не сакам Меси да замине, но тоа е фудбалот. На крајот тој реши да остане, а неодамна кажа дека е мотивиран и дека сака да победува и се надевам дека ќе остане уште многу години во Барселона. Тој е еден од најдобрите на светот и лигата добива многу до тоа што е тој тука“, вели Пујол.
Легендарниот дефанзивец признава дека и тој размислувал за заминување од „Ноу Камп“, и дека Милан биле најблиску до неговиот потпис бидејќи сакал да игра покрај Паоло Малдини.
„Во 2014 по повредата решив да се повлечам и покрај понудите од англиските и италијанските клубови. Кога твојот клуб е и твојот дом, не е убаво да носиш друг дрес. Сакав да одам во Милан да играм покрај Малдини, мојот идол, тоа ќе беше убав крај на кариерата“, додава Пујол.