Еден од најталентираните американски фудбалери во историјата, Кристијан Пулишиќ признава дека уште е во депресија по неуспехот на САД да се квалификува на Светското првенство во Русија, што би бил негов прв настап на Мундијал.
На САД им беше потребно само реми во последниот квалификациски меч против Тринидад и Тобаго, но тимот на Брус Арена загуби со 2:1 во шокантен резултат и тоа значеше дека Американците нема да се на СП првпат од 1986 година.
„Во срцето знаев дека е готово кога излеговме од теренот. Прашав еден од асистентите какви се другите резултати и никогаш нема да го заборавам изразот на неговото лице кога ми кажа дека не одиме“, вели Пулишиќ во интервју за „Плејерс трибјун“.
19-годишниот напаѓач на Борусија Дортмунд признава дека не се чувствува најдобро последниот месец.
„Не можам да лажам, многу сум депресивен последниот месец. Помислата дека треба да се чекаат уште четири години само го враќа вкусот на поразот од последниот меч. Навистина е тешко. Четири години? Како цел живот“, изјави Пулишиќ.
Иако со само 19 години, Пулишиќ беше вклучен како стрелец или асистент во 12 од 16-те американски голови во квалификациите, и сигурно ќе биде столб на тимот кој ќе се обиде да се квалификува за Катар 2022. Тој смее да игра во Бундеслигата бидејќи има и хрватски пасош и вели дека мора да се случат промени.
„На играчите од Европската Унија им е дозволено да си заминат кога ќе наполнат 16 години, но тие кои не се од Европа мораат да чекаат до 18. Зошто не е еднакво за сите. Американските таленти не добиваат шанса како мене да играат во силна лига на 16 години. Јас не сум вундеркинд или ‘проект’. Во американскиот систем честопати најдобриот играч во тимот до 17 години е ѕвезда – не мора да работи за топката, постојано е во фокусот на одбраната. Тогаш е времето кога треба да се направи играчот“, оценува Пулишиќ.