Легендата на мексиканскиот фудбал, Рафа Маркез вели дека работата на мексиканскиот селектор носи иста одговорност и ист притисок како да си претседател на државата.
Местото селектор во моментов е испразнето откако Хуан Карлос Осорио одби да го продолжи договорот по Светското првенство во Русија, и за Маркез новиот селектор мора да биде некој со „дебели“ нерви.
„Тешко е во Мексико да работиш на мир, бидејќи весниците мораат да се продаваат, а работата на селекторот е исто толку важна како претседателската. Кој и да дојде ќе мора да знае што го очекува“, вели Маркез.
Фаворит на медиумите е Тата Мартино, кој си замина од Атланта јунајтед откако го освои МЛС купот во втората сезона на чело на тимот. Мартино, поранешен тренер на Аргентина, Парагвај и Барселона, според Маркез е добар избор бидејќи веќе претрпел критики во Аргентина и Шпанија.
„Тата Мартино има фантастичен карактер и може да се справи со тешката работа“, вели Маркез.