Агентот на Пол Погба, Мино Рајола тврди дека неговиот клиент ќе почне преговори со Манчестер јунајтед за продолжување на договорот, што очигледно значи дека Французинот се предомислил и смета дека неговата иднина е на „Олд Трафорд“.
Зборувајќи за „Скај спортс Италија“, холандскиот агент со италијанско потекло, кој исто така работи со Златан Ибрахимовиќ и Џеси Лингард, тврди дека Погба верува во новиот проект на „ѓаволите“ под водство на Оле Гунар Солскјер.
„Погба е клучен фудбалер за Манчестер јунајтед, а тие имаат важен проект во кој тој е 100 отсто вклучен. Јунајтед нема да прифатат никаква понуда за Пол ова лето и наскоро ќе почнеме да зборуваме за нов договор, без притисок“, вели Рајола.
27-годишниот Погба минатото лето беше поврзуван со враќање во Јувентус или трансфер во Реал Мадрид, но остана во тимот пред во текот на зимата да оди на операција за скочниот зглоб. Влијанието на корона вирусот на економската состојба на клубовите најверојатно значи дека никој не е подготвен да плати 120 милиони фунти колку што бараат „ѓаволите“.