Играчот од средниот ред на Барселона, Иван Ракитиќ му оддаде почит на великанот на голот на Јувентус, Џанлуиџи Буфон пред дуелот од Лигата на шампионите, велејќи дека сакал да плаче заедно со него откако Италија не се квалификуваше на СП во Русија.
Италијанците испаднаа од баражот за СП од Шведска, со што 39-годишниот Буфон нема да добие достојно испраќање во Русија следната година, а светот сочувствуваше со Италијанецот кога тој плачеше по мечот во Милано. Ракитиќ вели дека не знае што би му кажал на Буфон.
„Би му го дал моето место да беше можно. Вистински предизвик е ако треба јас да му објаснувам нешто на Буфон за фудбалот. Навистина не знам што би му кажал. Тој е единствен по тоа што го даде на сите фудбалски фанови. Секое дете кое запишува тим од соништата го става Буфон на голот. Интервјуто по мечот… Сакав да плачам заедно со него. Нема доволно зборови да се опише чувството во такви ситуации. Вистинска штета што играч како него нема да добие збогување какво што заслужува“, вели хрватскиот репрезентативец, кој ќе биде во Русија со својата репрезентација.
Ракитиќ му даде гол на Буфон кога Барселона го победи Јувентус во финалето на ЛШ во 2015 и вели дека едвај чека уште еднаш да игра против славниот противник.
„Не знам колку време ќе игра, но едвај чекам повторно да го видам на теренот. Знам дека во Италија сега ситуацијата не е добра. Но, понекогаш е подобро да направиш чекор назад, за да тргнеш напред“, додава Ракитиќ.