Top Sport

Рамос: Чист сум, честа ќе ја бранам на суд

Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос, остро ги демантира наводите дека користел допинг. Информацијата дека Рамос паднал на допинг-тестот по финалниот меч во Лигата на шампионите, во 2017 година, ја објави германскиот весник „Шпигл“, повикувајќи се на „Фудбал Ликс“. Наводно, 32-годишниот фудбалер, бил позитивен на декзаметазон, кој е забранет, а дозвола за користење може да дозволи само УЕФА, доколку биде навреме известена.

„Противник сум на допингот. Никогаш не сум учествувал, ниту сум се согласил на било каква употреба на допинг, ниту некогаш сум употребувал недозволени средства“, рекол Рамос.

Капитенот на Реал и шпанската репрезентација рекол дека ја разгледува можноста да подигне тужба против секој што се обидел да ја уништи неговата репутација.

„Во текот на мојата долга спортска кариера, многу пати сум бил тестиран и никогаш не сум бил позитивен. Имав стандарден третман што ми го пружи лекарскиот тим“, дополнил Рамос.

Инаку, во текстот на „Шпигл“ се наведува дека Рамос користел друг лек пред финалето кое неговиот тим го доби со 4:1. УЕФА го прифатила извинувањето на Рамос, кој за грешката го обвинил клупскиот доктор.

Scroll to Top