Серхио Рамос ќе му се приклучи на Ашраф Хакими на медицинските тестови пред потпишувањето на договорот со Пари Сен-Жермен, тврди „ЕСПН“.
35-годишниот Рамос замина од Реал Мадрид откако не успеа да се договори за продолжување на 16-годишниот престој во шпанската престолнина, а по шпекулациите дека Манчестер сити и Баерн Минхен покажаа интерес, тој се реши на двегодишен договор со клубот од Париз, каде што сигурно ќе заработува добро, иако се верува дека ќе има помала плата од таа во Реал.
Тој ќе пристигне во Париз само неколку часа по фудбалерот на Интер, и негов поранешен соиграч од Мадрид, Ашраф Хакими, кој се очекува да го комплетира трансферот вреден 70 милиони евра. 22-годишниот Хакими на Твитер во понеделникот потврди дека патува кон Париз.
Покрај овие два трансфери, се очекува ПСЖ по крајот на ЕУРО 2020 да потпише договор и со италијанскиот репрезентативен голман, Џанлуиџи Донарума, кому му истече договорот со Милан на крајот на сезоната.