Многу прашина се крена за вториот гол на Реал Мадрид, односна за ситуацијата која му претходеше на пеналот врз капитенот, Серхио Рамос на денешниот дуел со Барселона. Дефанзивецот на Каталонците, Ленгле го повлече Рамос за дресот, а по ВАР асистенцијата судијата досуди пенал.
Се чини дека допирот е минимален, но судијата по прегледаната снимка реши да го санкционира како прекршок.
„Маркирањето од Ленгле е на граница, ме повлече во моментот кога сакав да скокнам. Неправедно е да се напаѓа судијата за толку очигледна акција. Понекогаш судиите грешат, понекогаш не, но тука немаше сомнеж. Ова беше чист пенал“ изјави Рамос по мечот.
Тој смета дека оваа победа ги „залечува раните“ по двата непланирани порази, од Кадиз и Шахтјор Доњецк.
– „Ел Класико“ секогаш нуди екстра мотив, бевме навистина мотивирани. Не можевме и не смеевме да ја продолжиме лошата серија, ова ќе ни дојде добро на ментален план. Сакаме да ги оставиме критиките на страна, победа на гостински терен кај ривалот секогаш е голем плус. Се знае дека во Реал Мадрид се говори за криза после само два меча, но ние го знаеме нашиот пат. Ја оставаме настрана критиката која доаѓа од надвор и која сака да ја уништи хармонијата во тимот – рече Рамос.