Top Sport

Рамос: Светот повторно да се заљуби во шпанскиот фудбал

Капитенот на шпанската фудбалска репрезентација, Серхио Рамос вели дека тој и неговите соиграчи сакаат да го натераат светот повторно да се вљуби во шпанскиот фудбал, пред стартот на новата фудбалска ера под водство на тренерот Луис Енрике.

Шпанија утре игра мега-дуел со Англија на „Вембли“, во прв меч по елиминацијата во осминафиналето на Мундијалот во Русија, еден од трите големи турнири на кои потфрлија по доминацијата од 2008 до 2012, кога освоија две европски и една светска титула.

Рамос вели дека постои ентузијазам под Луис Енрике, кој доминираше со Барселона додека три сезони беше на нивната клупа.

„Во последните неколку години паднавме неколку нивоа и првата цел е да се вратиме на победите. Тренерот и фудбалерите имаат огромен предизвик пред нас и амбициите се големи. Сакаме светот повторно да се заљуби во шпанскиот фудбал“, изјави Рамос.

Шпанија е во групата 4 од Лига А на новото натпреварување на УЕФА со тешки противници – Англија и Хрватска.

„Селекторот не натера да внимаваме на тоа што се случува, бидејќи претходеше голема дискусија и разговор. Добивме многу нови инструкции кои треба да ги трансформираме во акции на теренот“, вели Рамос.

Scroll to Top