Иако беше поставен за (привремен) менаџер на Манчестер јунајтед само пред четири недели, Ралф Рангник веќе има совет за сите премиерлигашки клубови – да се откажат од Карабао купот (лига-купот) и побара враќање на петте замени во Прмеиерлигата.
Англискиот фудбал се наоѓа во критичен момент со напорен распоред и со низа на нови позитивни КОВИД-случаи, поради кои беа откажани двата претходни меча на Јунајтед, и Рангник смета дека има премногу натпревари за најдобрите клубови и вели дека треба да има дискусија за повлекување од второто куп натпреварување, а би сакал да види и укинување на повторените мечеви во ФА купот.
„Англија е единствената врвна лига која има две куп-натпреварувања, дури и во Франција ги елиминираа. Тоа е нешто за што треба да зборуваме и да дискутираме. Лига купот нека остане за третолигашките и четвртолигашките клубови за да се подобри финансиската ситуација. Но, во ваков тесен календар со премногу натпревари не можеме да продолжиме така. Друго нешто е ФА купот и повторените натпревари. Никаде на друго место го нема тоа“, вели Рангник.
Премиерлигата исто така е единствената топ 5 лига која се врати на три замени во тек на натпревари по гласањето на клубовите, бидејќи се верува дека големите клубови со поширок избор на играчи имаат нефер предност. Рангник вели дека со ова правило сите фудбалери ќе се среќни.
„Не сфаќам зошто во Англија нема пет замени, бидејќи така беше одлучено кога почна КОВИД пред 18 месеци. Така има повеќе опции за фудбалерите да ја сочуваат енергијата, но сега сме во иста ситуација. Со повеќе замени исто така ќе се подобри емоционалната среќа на тимот, бидејќи повеќе фудбалери ќе бидат среќни“, објаснува Германецот.