Top Sport

Рангник признава дека не го пуштил Лингард поради апсењето на Гринвуд

Преодниот менаџер на Манчестер јунајтед, Ралф Рангник признава дека апсењето на Мејсон Гринвуд влијаело на одлуката на клубот да не го пуштат Џеси Лингард на позајмица во јануарскиот преоден рок.

„Ѓаволите“ денеска уште еднаш повторија дека Гринвуд нема да игра за клубот, ниту да тренира додека трае истрагата по неговото апсење за силување, физички напад и закана за убиство. Оваа ситуација со 20-годишниот англиски репрезентативец значеше крај на надежите на Лингард за заминување во Њукасл или Вест хем на последниот ден од преодниот рок.

„Беа две работи – очигледно имавме проблем со Мејсон Гринвуд, фудбалер кој играше редовно во последните неколку недели. Од друга страна, клубот не можеше да се договори со било кој друг за условите со Лингард. Бордот ми кажа дека не можеа да склучат договор. Тие ме информираа дека е подобро тој да остане“, вели Рангник.

За желбата на Лингард да замине по 21 година во „ѓаволите“ на шест месеци пред да биде слободен играч, Рангник има посебен коментар.

„Пред три недели Џеси не сакаше да си оди, но потоа се предомисли. Разговарав со него пред 10 дена и целосно сфаќав зошто сака да замине пред Светското првенство. Му кажав дека ако најде клуб и клубот се договори, тогаш ќе му дозволам. Но, потоа работите се сменија“, објаснува Рангник.

Scroll to Top