Ралф Рангник откако прво инсистираше дека не преговара за трансфер во Милан, сега признава дека преговорите со италијанскиот клуб се прекинати поради корона вирусот и дека бара да има „одредено влијание“ во клубот за да ја прифати понудата.
Поранешниот тренер на Хофенхајм сега е одговорен за фудбалски развој во различните клубови на Ред бул во Лајпциг, Салцбург и Њујорк. Тој беше главната причина што од Милан си замина Звонимир Бобан кој беше налутен што директорот на клубот Иван Газидис без негова согласност разговарал со Рангник и му понудил да има улога на класичен англиски менаџер, кој ќе одлучува и за трансферите. Сега, Рангник, по неколку деманти признава дека имало контакти.
„Имаше приод од Милан, но со корона вирусот, искрено имаше други работи за размислување, на пример дали Ралф Рангник е вистинскиот човек за нив. Не сум заинтересиран за финансиските аспекти, туку мене ми е потребно да имам одредено влијание во клубот, што не е исто како да имаш моќ“, вели Рангник во интервју за весникот „Мителдојче цајтунг“.