Top Sport

Раниери удри по Рома: Со Де Роси мораше да се заврши поинаку

Клаудио Раниери, откако потврди дека ќе замине од Рома на крајот на сезоната, влезе во остар напад на својот тим посебно околу ситуацијата со Даниеле Роси, обвинувајќи ги дека го продале „’рбетот на тимот“ и предупредувајќи дека наскоро нема враќање во Лигата на шампионите.

Раниери признава дека одлуката на капитенот Де Роси да не му се даде нов договор е „лошо завршена работа“, а беше уште покритичен по 0:0 ремито со Сасуоло со кое шансите за Лигата на шампионите се само теоретски.

„Рома имаа фантастична сезона 2017/18, но потоа продадоа многу важни фудбалери, продавајќи го ’рбетот на тимот кој требаше да стартува нова ера. Одеднаш, тие беа продадени, и иако дојдоа добри фудбалери, потребно е време тие да се вклопат и развијат“, вели Раниери во интервју за „Скај спорт Италија“.

Раниери, како човек кој ја сака Рома, беше донесен да ја заврши сезоната по отпуштањето на Еузебио ди Франческо во март, кога замина и спортскиот директор Мончи, по елиминацијата од Порто во Лигата на шампионите.

„Кога дојдов, најдов тим кој на психолошки план страдаше. Се обидов да ја вратам самодовербата кај фудбалерите. Што ќе прават следната сезона? Тоа клубот треба да го одговори. Не верувам дека ќе можат да се борат за Лигата на шампионите, но Рома мора да се стреми кон Европа. Околу Де Роси немам што многу да кажам. Има фудбалери кои треба да ги третираме поинаку, како Де Роси. Ова е момче кое ја почна кариерата во академијата на Рома на 11 години и ја заслужува љубовта која ја добива. Римјаните секогаш чувствуваат поголем притисок и ја сакаат Рома без граници“, додава Раниери.

Scroll to Top