Маркус Рашфорд признава дека било тешко да го игра својот најдобар фудбал во Манчестер јунајтед додека менаџер на „ѓаволите“ беше Жозе Мурињо, и покрај тоа што за разлика од некои негови соиграчи немаше директен конфликт со „Специјалниот“.
Рашфорд стана стандарден првотимец на Јунајтед под Луис ван Гал во 2016, но по крајот на таа сезона, тој мораше да се навикне на работата под Мурињо и признава дека не го извлекувал својот максимум под Португалецот.
„Мислам дека играме најдобар фудбал кога можеме да бидеме флексибилни на теренот. Под Жозе би кажал дека секоја ситница беше поставена – ти играш таму, ти играш таму и никаде на друго место. Секако, можеш да ја завршиш работата, но тешко е да се игра најдобриот фудбал“, вели Рашфорд.
Неодамна и неговиот поранешен соиграч Вејн Руни зборуваше за „ригидното“ планирање на Мурињо, потсетувајќи се како не добил шанса при 2:0 победата над Челси во 2017/18.
„Се сеќавам на мечот со Челси, бев на клупата, бидејќи Маркус беше во игра. Тогаш Жозе играше со шест фудбалери назад. Се сеќавам дека помислив: ‘Жозе го остава Маркус сам, и ако не трча назад, Челси со Давид Луиз и тоа искуство ќе имаме проблеми’“, изјави Руни.
Слободата која му ја дава Оле Гунар Солскјер му годи на Рашфорд – минатата сезона тој првпат ја помина границата од 23 гола, а истото го направи и во 2020/21, со 53 настапи и дури 15 асистенции.