Фудбалерите на Реал Мадрид со две победи ги залечија раните од поразот во градското дерби против Атлетико. Во средата славеа над Лас Палмас, а вечерва славеа кај лидерот на табелата Џирона.
Реал се врати на врвот на табелата со 21 бод, еден повеќе од Барселона, а Џирона, која одигра брилијантно во првите седум кола, го претрпе првиот пораз сезонава и остана на третото место со 19 бодови.
Реал ја обезбеди победата на „Монтоливи“ во првите дваесет минути. Најпрво искусниот Хоселу го постигна водечкиот гол во 17. минута, а само четири минути подоцна Чуамени на асистенција на Тони Крос ја удвои предноста.
Мичел, тренерот на Џирона, во вториот дел се обиде со измени да го промени односот на силите, но наместо тоа Реал во 71. минута го постигна третиот гол. Хоселу му асистираше на Белингам кој го постави конечниот резултат.
Финишот на мечот беше бурен поради несфатливата грубост на Начо Фернандез, кој на средината на теренот престрого стартуваше врз Порту, кој беше изнесен од теренот на носилки, а играчот на Реал доби директен црвен картон.