По целата летна „сага“ околу тоа колку Филип Кутињо сака да биде играч на Барселона и одлуката на Ливерпул да не го продаваат Бразилецот, сега се јавува Реал Мадрид како заинтересиран за неговите услуги.
Шпанскиот весник „Ел мундо депортиво“ тврди дека талентираниот играч од средниот ред може да биде купен уште во текот на зимскиот преоден рок, но дека сумата која Ливерпул ќе ја бара е најмалку 150 милиони евра.
Се веруваше дека Барселона ќе го донесе Кутињо како замена за „пребеганиот“ Нејмар, но во „операцијата“ сега се вклучува и „кралскиот клуб“, кој побарал информации од американските сопственици на Ливерпул, и кој е подготвен за акција во текот на летниот преоден рок.
Сепак, шпанските гиганти не се единствените заинтересирани за Кутињо, бидејќи катарските сопственици на Пари Сен-Жермен имаат уште пари за трошење. Проблем за ПСЖ е таканеречениот финансиски фер-плеј на ФИФА, бидејќи би требало да продадат дел од играчите, како Анхел ди Марија и Јулијан Дракслер, кои играат на слична позиција како Кутињо.