Реал Мадрид ќе формира и женски тим кој од следната сезона ќе се натпреварува во првата шпанска лига, тврдат шпанските медиуми. Според весникот „Ел паис“, Реал веќе го откупиле тимот од Мадрид, ЦД Тасон, кој успеа да влезе во Лига Ибердола за 400.000 евра.
Клубот би бил вклопен во состав на 13-кратниот европски шампион и би работел на „Сантијаго Бернабеу“. Од Реал Мадрид засега не ја коментираат веста.
Инаку, Реал подолго време се критикувани поради тоа што немаат женски тим како најлутите ривали Барселона и Атлетико Мадрид, кои редовно се борат за титулата. Атлетико ги освои последните две титули во Лига Ибердола, додека Барселона загуби во финалето на Лигата на шампионите од Лион.
Оваа година, мечот меѓу Атлетико и Барселона на „Ванда метрополитано“ привлече над 60.000 гледачи поставувајќи рекорд за женскиот фудбал.