Реал Мадрид е еден од клубовите кои најдобро финансиски одиграа во годината која ја одбележа пандемијата на коронавирусот.
Шпанскиот шампион во летниот преоден рок се ослободи од десетина играчи кои беа вишок, ги продаде и буџетот на клубот се ослободи од нивните високи плати.
Претседателот Флорентино Перез ги извести челновите на одборот дека иако годината има голема финансиска криза, сепак, Кралскиот клуб е во плус од 313.000 евра.
„Приходите паднаа од 822 на 715 милиони евра. Направивме добар план за да го спасиме буџетот, а со играчите договоривме намалување на платите“ рече Перез и потенцираше дека на клупскиот буџет не влијаеше ниту големиот кредит од 525 милиони евра, пари наменети за реновирање на „Сантијаго Бернабеу“.
Првиот човек на Реал рече дека за 2021 година се планира приход од околу 618 милиони евра, односно 98 милиони помалку од годинава затоа што тој не верува дека и наредната година ќе се врати публиката на трибините.
Останатите шпански клубови се во големи проблеми поради пандемијата од коронавирусот, посебно оние помалите кои најмногу „живеат“ од влезници за натпреварите.
За разлика од Реал, на Барселона годинава и се заканува голем финансиски минус.