Реал Мадрид, конечно, „кренале раце“ од надежите дека инвестицијата од 100 милиони евра, Еден Азар ќе биде корисен за тимот на Карло Анчелоти и му порачале да си бара нов клуб веќе од јануарскиот преоден рок, тврди шпанска „Марка“.
„Кралевите“ платија висока сума да го донесат Белгиецот на „Сантијаго Бернабеу“ во 2019 година, кога на чело на клубот беше Зинедин Зидан, кој високо ги ценеше квалитетите кои тој ги покажа како еден од најдобрите играчи во Премиерлигата во дресот на Челси. Но, низа повреди и лошата физичка подготвеност го ограничија на само 72 настапи и 7 гола во дресот на кралскиот клуб.
Оваа сезона пак, Анчелоти го внесе во игра Азар само трипати во Ла лига и во ниту една од тие шанси, тој немаше ниту гол, ниту асистенција. „Кралевите“ сметаат дека инвестицијата е „пропадната“ и дека најважно е да се ослободат од неговата висока плата, тврди „Марка“. Азар има договор до 2024 година и малку клубови би биле подготвени да му дадат иста плата како што ја добива во Мадрид, иако постои интерес од неколку премиерлигаши.