Top Sport

Реал направи „брејк“ во Баварија, на чекор до ново финале (видео)

Реал Мадрид уште еднаш покажа дека најмоќен во елиминационите натпревари од Лигата на шампионите, успевајќи да се врати од негативата за 2:1 победа на гостувањето кај Баерн Минхен за со една нога да е во големото финале.

Дуелот на „тешкашките“ на преполната „Алијанц арена“ предизвика огромно внимание и беше протолкуван како „финале пред финалето“, и во него „Лос бланкос“ покажаа зошто ги имаат освоено последните две титули од Лигата на шампионите, иако не импресионираа со својата игра.

Баерн Минхен може да жали за пропуштените шанси во двете полувремиња, но и за повредите на двајцата клучни играчи во составот на Јуп Хајнкес – прво Арјен Робен се повреди уште во петтата минута, пред Џером Боатенг да излезе во 33. минута. Баерн заслужи барем реми пред своите фанови, но наместо тоа ќе оди на „Сантијаго Бернабеу“ во лов на победа од два гола разлика за пласман во финалето.

Џошуа Кимих ги донесе Баерн во водство во 28. минута, откако по одличното додавање на Хамес Родригез, излезе сам пред Кејлор Навас и без проблем го совлада. Баерн имаше повеќе од играта во првото полувреме, меѓутоа на одмор се отиде со 1:1, откако Марсело со фантастичен удар од работ на шестнаесетникот го совлада Свен Улрајх.

Комплетниот пресврт го комплетираше Марко Асенсио во 57. минута, кога по Лукас ја искористи грешката на одбраната на Баерн додека домаќините беа во напад и му дозволи на Асенсио да забие од блиску за молк на „Алијанц арената“. За малку ќе беше 3:1 во 71. минута, кога Кристијано Роналдо доби топка која ја смири со рамото, и судијата Бјорн Кајперс оцени дека се работи за игра со рака.

Роберт Левандовски, за кој шпанските медиуми тврдат дека е на „пат“ за Мадрид во текот на летото, имаше совршена шанса да израмни во 88. минута, но беше непрецизен, за да им остави на Баварците тешка задача во реваншот.

Scroll to Top