Реал Мадрид во јануарскиот преоден рок планира неколку засилувања со кои би го освежил тимот во обид да ја спаси сезоната што оди во погрешна насока за амбициите на „кралскиот клуб“.
Сепак, ако се гледа во историјата, Реал многу ретко влечел вистински потези во јануари бидејќи повеќето од играчите што пристигнале во клубот во зимскиот преоден рок подоцна се покажале како промашени инвестиции.
Поучен од тоа искуство, Реал ретко купува во зимскиот преоден рок. Последен пат Реал пазарел во овој период во 2015 година кога во клубот пристигна норвешкиот вундеркинд Мартин Едогар, кој не ги оправда очекувањата.
Во последните десетина години во зимските преодни рокови Реал на засилувања потрошил 150 милиони евра, а во тие сезони кога клубот бил активен во јануарскиот преоден рок биле освоени само четири трофеи.
Најуспешно зимско засилување е Бразилецот Марсело, кој пред 12 години пристигна од Флуминенсе за 6,5 милиони евра. Марсело во текот на годините стана незаменлив во стартната постава и еден од капитените на Реал.
Успешни зимски засилувања беа и Аргентинците Гонзало Игуаин и Фернандо Гаго, Реал потоа на крајот од сезоната во 2011 година ја освои титулата.
Од друга страна, ретко кој се сеќава на Жилиен Фобер, десен бек, за кого клубот издвои 1,5 милион евра.
Не се забораваат ниту трансферите на Кристијан Карембе, Дани Парехо, Хави Портиљо, Лукас Силва, Зе Роберто, Антонио Касано, Клас-Јан Хунтелар. Ниту еден од овие играчи не остави трага во Реал.
Во пресрет на вториот дел од сезоната Реал има натпревар помалку и 14 бода помалку од Барселона. Впечатокот е дека одбраната на титулата во првенството е невозможна мисија, но Флорентино Перез секако ќе се обиде со свежа крв да го раздвижи тимот.
Прв пик е талентираниот голман на Атлетик Билбао, Кепа Аризабалага, кој во јуни ќе биде слободен играч, но Реал има намера да плати 20 и нешто милиони евра за да го обезбеди неговиот потпис уште сега.
Другите потенцијални засилувања засега се сведуваат на медиумски шпекулации бидејќи нејасно е дали тренерот Зинедин Зидан ќе го засилува нападот. Карим Бензема е повреден, а Кристијано Роналдо е во лоша форма и води приватна војна со претседателот Перез.
Како засилувања се споменуваат Маури Икарди, Хари Кејн, Еден Азар…