Top Sport

Реал се „загуби“ на големиот „Вембли“, наполитанско шоу

Реал Мадрид дефинитивно е во криза. По лошиот пораз од Џирона за да заостанат осум поени зад Барса во Ла лига, дојде „студен туш“ на „Вембли“ каде што Тотенхем стигна до фантастична 3:0 победа над актуелниот европски шампион.

Тимот на Зинедин Зидан, кој изгледаше толку моќно по освојувањето на Суперкупот против Манчестер јунајтед во Скопје, можеби не е во опасност за испаѓање во натпреварите по групи (најмногу поради слабата Борусија), но очигледно нешто не функционира како што треба кај „Лос бланкос“.

Тотенхем поведе во 27. минута од мечот од сомнителна ситуација, кога Деле Али од офсајд го совлада Франциско Касиља, за потоа тимот на Маурисио Покетино да го издржи притисокот од нападот на Реал. Само што започна второто полувреме, во 56. минута Деле Али повторно беше во шанса и неговиот удар, кој се одби од ногата на капитенот Серхио Рамос, повторно заврши во голот.  Комплетниот „распад“ на Реал го потврди Кристијан Ериксен во 65. минута по една (овојпат) неуспешна офсајд стапица на шпанскиот тим.

Во осумдесетата минута од мечот, по една мешаница во шестнаесетникот на Тотенхем, Кристијано Роналдо се запиша во листата на стрелците да го намали резултатот на 3:1.

Во осминафиналето веќе е Манчестер сити, откако  и во вториот дуел меѓу лидерите на англиската и италијанската лига, Англичаните беа посилни и со 4:2 го победија Наполи на преполниот „Сан Паоло“ . Еден гол во Италија постигна Серхио Агуеро, негов 178. во дресот на англискиот тим, со што влезе во историјата како најдобар стрелец на „Сините“.

Пеп Гвардиола (Сити) и Маурицио Сари (Наполи) се познати како љубители на напаѓачкиот фудбал, и Сити успеа да се врати од раната негатива за да направи целосен пресврт и по четири кола да има максимални 12 поени.

Пласманот на Наполи стана теорија откако Шахтјор го совлада холандскиот Феенорд со 3:1 и се зацврсти на второто место на табелата со  9 поени, додека Наполи има само 3.

Ливерпул не ги повтори историските 7:0 против словенечкиот Марибор, но сепак стигна до убедлива 3:0 победа со головите на Салах, Чан и Стариџ во второто полувреме, за Ливерпул да го задржи првото место на табелата во групата Е, пред Севилја, која го совлада рускиот шампион Спартак со 2:1.


Бешикташ е на чекор до пласман во осминафиналето откако одигра 1:1 со Монако, прекинувајќи ја низата од три победи, додека Порто ќе се бори со Лајпциг и Монако за пласман, откако португалскиот шампион го совлада Лајпциг со 3:1.

ГРУПА Е
Ливерпул – Марибор 3:0

Севилја – Спартак Москва 2:1

ТАБЕЛА: 1.Ливерпул 8, 2.Севилја 7, 3.Спартак М. 5, 4.Марибор 1

ГРУПА Ф

Наполи – Манчестер сити 2:4

Шахтјор Доњецк – Феенорд 3:1

ТАБЕЛА: 1.Манчестер С 12, 2.Шахтјор 9, 3.Наполи 3, 4.Феенорд 0

ГРУПА Г

Бешикташ – Монако 1:1

Порто – РБ Лајпциг 3:1

ТАБЕЛА: 1.Бешикташ 10, 2.Порто 6, 3.РБ Лајпциг 4, 5.Монако 2

ГРУПА Х

Борусија Дортмунд – АПОЕЛ Никозија 1:1

Тотенхем – Реал Мадрид 3:1

Табела: 1.Тотенхем 10, 2.Реал М. 7, 3.Борусија Д. 2, 4.АПОЕЛ 2

Scroll to Top