Реал Мадрид ќе го направи последниот обид да го донесе Еден Азар ова лето на „Сантијаго Бернабеу“, јавува порталот „Гол“, додавајќи дека последниот обид ќе ги чини 120 милиони евра.
Според „Гол“, Реал праќаат свои луѓе на состанок со директорот на Челси, Марина Грановскаја оваа недела, откако преговорите траат неколку месеци, но во Мадрид веќе ги губат нервите и сакаат што е можно побргу да се донесе Белгиецот во Шпанија. Идеалното сценарио на Челси е „кралевите“ да платат 130 милиони евра, во Мадрид сметаат дека пореална сума е 100 милиони евра, така што 120 милиони евра е најверојатната цифра.
Азар долго време сака трансфер во Мадрид и откако постигна два гола при 4:1 победата над Арсенал во финалето на Лига Европа, призна дека најверојатно заминува.
„Веќе ја направив мојата одлука и сега чекам на двата клуба. Мислам дека е збогум, но во фудбалот никогаш не знаете“, изјави Азар во средата во Баку.
Договорот на Азар со клубот од западен лондон завршува во јуни 2020 и тој неколку пати одби да се обврзе на обновување, бидејќи неколку пати призна дека многу би сакал да работи со Зинедин Зидан, кој се врати на клупата на Реал.
Покрај Азар, Челси би сакале да го заддржат Матео Ковачиќ на „Стемфорд бриџ“, но иднината на тренерот Маурицио Сари уште е неизвесна по поврзувањето со Јувентус.