Наполи прв поведе, но на крајот загуби со 1:3 од Ред бул Лајпциг, дозволувајќи му на бундеслигашот да направи разлика во првиот меч од шестнаесетфиналето на Лигата на Европа, Лацио загуби на гостувањето во Букурешт, додека Атлетико Мадрид се „прошета“ во Копенхаген.
Лидерите во Серија А, Наполи дојдоа во водство во 52. минута од мечот, кога Адам Унас упати одличен удар од далечина, но само девет минути подоцна Тимо Вернер одлично се снајде во шестнаесетникот на домаќините за израмнување. Во 74. минута, Португалецот Брума успешно избегна офсајд за минатогодишните германски вице-шампиони да заминат со важна победа од југот на Италија. Вернер во 93. минута го постави конечниот резултат.
Уште еден италијански тим доживеа незгоден пораз, откако Харлем-Еди Гонер со соло гол во 29. минута им донесе на ФЦСБ (поранешниот тим на Стеауа Букурешт) 1:0 победа над Лацио. Тимот на Симоне Инзаги имаше неколку добри шанси во преостанатиот дел од мечот, но сега во Рим ќе мора да брка победа за пласман во осминафиналето.
Сигурни беа „јорганџиите“, откако Атлетико Мадрид се врати од шокантниот ран гол на Копенхаген, за на крајот да стигне до 4:1 победа на гостувањето во Данска кај Копенхаген. Домаќините поведоа преку Фишер во 15. минута, но Атлетико до крајот на полувремето преку Нигуез и Гамеиро имаше предност од 1:2. Гризман и Витоло во второто полувреме донесоа убедлива победа за шпанскиот прволигаш.
Партизан со играч помалку одигра 1:1 против чешкиот тим Викторија Плзењ, додека Селтик на домашен терен со 1:0 го совлада Зенит Санкт Петербург, клубот што беше во група со Вардар.
ЛИГА НА ЕВРОПА, 1/16 ФИНАЛЕ
АЕК – Динамо Киев 1:1
Селтик – Зенит Санкт Петербург 1:0
Копенхаген – Атлетико Мадрид 1:4
ФВСБ – Лацио 1:0
Лион – Вилјареал 3:1
Наполи – Лајпциг 1:3
Партизан – Викторија Плзењ 1:1