Германскиот дефанзивец на Челси, Антонио Ридигер објаснува дека „страшниот“ менаџер Маурицио Сари успеал да ги мотивира да му го нанесат првиот пораз на англискиот шампион, Манчестер сити во текот на викендот.
По шокантниот 2:1 пораз од Вулверхемптон, Челси на „Стемфорд бриџ“ ги победија Сити со 2:0 со голови во второто полувреме, и Ридигер вели дека по поразот од „волците“, Сари бил „страшен“.
„Навистина беше страшен. Полуде! Но, тоа беше океј бидејќи тоа беше натпревар кој не смеевме да го загубиме. Еден ден потоа, тој беше смирен и со јасна цел. Ни зборуваше и ни ја врати самодовербата. Сакаше дека одиме на победа против Сити. Знаевме дека менталитетот е проблем. Против Сити бевме јасни и покажавме што умеевме. Тоа ни недостасуваше во претходните мечеви“, вели Ридигер.
Сари направи чуден избор за мечот со Сити, поставувајќи го Еден Азар како централен напаѓач, а оставајќи ги напаѓачите Алваро Мората и Оливие Жиру на страна. Ридигер вели дека оваа тактика со Азар „лажна деветка“ била успешна.
„Тренерот ни даде шанса на сите оваа сезона и мораме да ја прифатиме неговата одлука Азар да игра напред бидејќи тоа беше добар избор. Не се работеше за тактика како лани кога дававме долги топки до Еден. Сега одиме по земја“, додава Германецот.