Џенаро Гатузо наредната недела треба да потпише нов договор со Милан, пишуваат италијанските медиуми.
Популарниот Рино беше донесен од младинскиот тим, како привремена замена за Винченцо Монтела, кој доби отказ поради лошите резултати. Тој успеа да го разбуди заспаниот великан и во финишот на сезоната може да влезе во трка дури и за четвртото место во Серија А.
Со својата работа Гатузо стекна целосна доверба од клупското раководство, играчите и од навивачите.
Бидејќи дојде од младинскиот тим Гатузо има годишна плата од 120.000 евра, најмалку од сите тренери во елитната италијанска конкуренција.
Поради тоа челниците имаат намера да потпишат нов договор со тренерот и за десет пати да му ја зголемат платата.
Новиот договор ќе важи до 2020 година, а Гатузо ќе има плата од 1,2 милиони евра по сезона.