Легендата на Баерн Минхен и на холандскиот фудбал, Арјен Робен смета дека Пеп Гвардиола е едно ниво над Жозе Мурињо и Карло Анчелоти, коментирајќи за тренерите со кои работел во богатата кариера.
35-годишниот Робен реши да се пензионира на крајот на минатата сезона и си заминува со импресивна колекција на достигнувања, откако покрај во Баерн играше и во Челси и Реал Мадрид со најдобрите тренери на светот.
„Тешко е да се каже кој е најдобриот тренер, но ако барате мое лично мислење, ќе кажам Пеп Гвардиола. Со него најмногу уживав, а фудбалски тој е брилијантен. Кога дојде Пеп имав 30 години, период во кој морате да се борите за да не ја влошите својата игра, но под него јас станав подобар. Играв на друга позиција на која мислев дека никогаш нема да играм. Тој беше едно ниво над другите“, вели Робен.
Холанѓанецот вели дека ужива во паузата од фудбалот по напорната кариера.
„Одлуката да сопрам беше многу, многу тешка, но на крајот беше исправна. Сакам да се одморам и да поминам повеќе време со семејството. Добро е да немаш ништо со фудбалот откако толку години си бил професионалец. Работам од мојата 16-та година и фудбалот беше работа за 24 часа. Сега е време да му вратам на семејството“, додава Холанѓанецот.